Ќе бидат објавени досега невидени материјали од „Paris is Burning“

Епохалниот документарец кој ја претстави харлемската сцена на дрег балови во 80тите прави камбек.

Оригинално објавен во 1990, „Paris is Burning“ е култен класик, синоним за сцената на дрег балови, кој остави печат во квир историјата. „Сriterion Collection“ соопшти дека ќе го реобјави филмот во февруари 2020, со еден час претходно невидени материјали, аудио коментари и разговори помеѓу режисерката на филмот Џени Ливингстон, Томас Ален Харис и членовите на бал-заедницата Сол Пендавис и Фреди Пендавис, кои беа дел од првичниот филм.

Претходно оваа година, Ливингстон ја претстави дигиталната реставрација на документарецот, кој се снимал во период од седум години. „Paris is Burning“ ги доловува случувањата позади сцената на харлемските дрег балови, следејќи ја заедницата на црните и латинските дрег-кралици додека тие се справуваат со конкуренцијата на баловите, сиромаштијата и трансфобијата.

Овој филм е одговорен за зачувување на ликот и делото на легендарните ѕвезди од баловите меѓу кои се Вили Нинџа, Пепер ЛаБејџа, Октавија Сеинт Лорент и Венус Екстраваганца. Се претпоставува дека преку овие интервјуа и сирови снимки од дрег-кралиците, сленгот и симболите на бал заедницата се филтрираа во популарната култура.

Tелевизиските серии и шоуа како „Pose“ (FOX) и „RuPaul’s Drag Race“ претставуваат интимни и различни приказни од заедницата, но „Paris is Burning“ е суштински филм кој треба да го погледнете.

Погледнете го оригиналниот трејлер на „Paris is Burning“

Извор: Dased&Confused