Кирил Џајковски е добитник на годинешната награда „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, признание за неговиот исклучителен придонес кон македонската филмска музика и култура, соопшти денеска претседателот на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), Игор Иванов-Изи, кој подвлече дека не е лесно да се најде лауреат за оваа награда, а да не се направи пропуст, бидејќи критериумот е многу висок и таков треба да остане.
„Џајковски е филмски композитор, но пред се познат скопјанец, творец на културната сцена и културниот профил на нашиот град и на нашата држава. Го знаеме од неговиот бенд ‘Бастион’, потоа се појави во ‘Леб и сол’ во албумот ‘Како какао’ и направи еден извонреден исчекор за овој скопски бенд, потоа почна да работи на театарски претстави и на филмското платно, а за неговите диџејски и соло проекти воопшто да не зборуваме. Синоним за современиот македонски звук, Џајковски е еден од најзначајните композитори и продуценти, познат по спојот на традиционални балкански мотиви со современи електронски ритми. Неговата музика е составен дел од најгледаните македонски филмови, меѓу кои ‘Бал-кан-кан’ и ‘Трето полувреме’ на Дарко Митревски, ‘Прашина’, ‘Врба’ и ‘Сенки’ на Милчо Манчевски, ‘Големата вода’ и ‘Пиарги’ на Иво Трајков (за ‘Големата вода’ ја доби наградата за најдобра музика на Фестивалот во Валенсија), како и ‘Балканот не е мртов’ на Александар Поповски“, рече Иванов.
Со оваа награда, македонската филмска заедница ја истакнува и ја слави уникатната уметничка визија на Кирил Џајковски, кој со својата музика ја збогати филмската и културната меморија на Македонија.
Досегашни добитници на наградата на ДФРМ се Кирил Ценевски, филмски режисер и сценарист (2013); Милчо Манчевски, филмски режисер и сценарист (2014); Дарко Марковиќ, карикатурист, сатиричар, филмски режисер (2015); Сајмон Пери, филмски продуцент (2016); „Вардар Филм“, продуцентска компанија (2017); Милица Стојанова, актерка (2018); Љупчо Константинов, композитор (2019); Столе Попов, филмски режисер и сценарист (2020), Северџан Бајрам, актер (2021) ,Горјан Тозија, филмски продуцент (2022) Лабина Митевска, актерка и продуцент (2023) и Димитар Грбевски, филмски и телевизиски монтажер (2024).
Наградата на Кирил Џајковски свечено ќе му биде врачена на затворањето на 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Статуетката „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ традиционално ја изработува компанијата Божиновски.