Кирил Џајковски – најдобар артист на „ЦЕЕТЕП“ 2013 и со настап на престижниот „Еуросоник“

Македонскиот композитор и музички продуцент Кирил Џајковски е прогласен за најдобар „ЦЕЕТЕП“ артист за 2013 година и тој вчера имаше свој настап на најголемиот „шоукејс“ музички фестивал „Еуросоник“, соопштуваат од Пасворд Продакшн и Таксират Фестивал.

Кирил Џајковски - најдобар артист на „ЦЕЕТЕП“ 2013 и со настап на престижниот „Еуросоник“

Џајковски настапи во рамки на најреномираниот фестивал за европската музичка индустрија „Еуросоник“ во Гронинген, Холандија и е првиот македонски артист кој настапувал на овој престижен музички настан. Тој заедно со извонредната ТК Вондер од Њујорк, својот концерт го одржа на главната бина во клубот „Симплон“ .

Овој настап воедно е дел до соработка на Таксират Фестивал со програмата „ЦЕЕТЕП“ (CEETEP – Central Eastern European Talent Exchange Program), која има за цел да поттикне настапи и популаризира артисти од централна и источна Европа преку фестивали, радио и ТВ емисии и други медиуми во цела Европа.

Од вкупно 22 артисти од 12 различни земји кои беа дел од „ЦЕЕТЕП“ програмата изминатата година, токму македонскиот претставник Кирил Џајковски е избран за најдобриот артист за 2013 година. Ова признание за пионерот во промовирањето на електронската музика ширум Балканот, пристигна по неговите извонредни настапи во 2013 на повеќе големи фестивали во Европа меѓу кои Рок Фор Пипл (Чешка), Егзит (Србија), Похода (Словачка), но и убедливо најголемиот отворен фестивал во Европа, полскиот „Вудсток“ фестивал со 750.000 публика. Џајковски ја воодушеви публиката и беше означен за најдобриот изведувач на ова издание на „Вудсток“, а на кое покрај него настапија и „Кајзер Чифс“, „Агли Кид Џо„, „Антракс“, „Атари Тинејџ Рајат“ и уште 50-тина други.

Кирил Џајковски - најдобар артист на „ЦЕЕТЕП“ 2013 и со настап на престижниот „Еуросоник“

Еуросоник е најзначајниот фестивал и „шоукејс“ настан за музичката индустрија во Европа. Настанот се одржува во холандскиот град Гронинген, а годинешното веќе распродадено издание со над 30.000 посетители, ќе се одвива од 15 до 18 јануари 2014. Со повеќе од 3000 музички професионалци, 250 концертни настапи на интернационални артисти, 100 панели и 250 говорници од целиот свет, Еуросоник нуди врвни искуства, дискусии и претставува една од најзначајните платформи за интернационалната музичка индустрија и медиумите. Во своето 28-годишно постоење овој фестивал беше значајна пресвртница во кариерите на огромен број артисти како што се Franz Ferdinand, Lykke Li, Selah Sue, Mando Diao, Candy Dulfer, The Ex, White Lies, God is an Astronaut, James Blake, Ska-P и уште многу други.

Кратко кажано, ова е местото од каде што музичките агенти ги селектираат артистите кои ќе бидат дел од музичките фестивали во Европа и каде што се презентираат најновите трендови во музичкиот бизнис и сцената, велат од Пасворд продакшн.