Кипар – „островот на љубовта“ каде илјадници луѓе одат да се венчаат

Секоја година 3 илјади двојки патуваат од Блискиот Исток на Кипар за да се венчаат. Тоа е наједноставното место доколку сакаат граѓанска, а не религиозна церемонија.

На граѓански церемонии инсистираат двојките кои имаат различно верско убедување, а не сакаат да ја преземат религијата на партнерот. Ова е чест случај во Либан, пишува ББЦ, земја која  има официјално регистрирано 18 религиозни деноминации.

Најчести посетители се Либанците и Израелците. За нив грчкиот дел од Кипар нуди брза и евтина граѓанска церемонија, и што е најважно, легално призната дома.

„Има голем број луѓе околу нас на кои не им е дозволен граѓански брак и ние сме првата земја од Европа каде доаѓаат. Церемонијата трае 10 до 15 минути, но им овозможуваме добро шоу. Гледате многу емоции. Љубовта не познава граници“, вели Михелакис Малас, службеник за граѓански бракови од кипарскиот град Ларнака.

Во делови од Блискиот Исток постојат обиди да се легализираат граѓанските венчавки, но, религиозните лидери го употребуваат своето политичко влијание да ги блокираат.

Некои држави едноставно го наметнуваат шеријатското право, а други имаат законски одредби поставени дури во времето на Отоманската империја. Тоа овозможува, на различните религиски заедници, да функционираат според нивни посебни судови и паралелни системи на семејно право. Така, имамите, свештениците и рабините ги контролираат венчавките, разводите, старателството над децата или наследството. Нивниот аргумент е дека религијата не може да биде одвоена од овие аспекти на човечкиот живот.

Во Израел постои само религиозна венчавка, па двојките мора да одат кај рабин, раскажува еден израелски пар. Неважно дали се религиозни или не, либерални или конзервативни – нивниот брак мора да го склучи Рабинатот, врховното еврејско управувачко тело. Двојките што сакаат да се венчаат мораат да докажат дека се вистински Евреи, родени од мајка Еврејка или официјално конвертирале. Ова им предизвикува проблеми на околу 350 000 емигранти од поранешниот Советски Сојуз, кои не можат да ги исполнат овие стандарди.

Минатата година Гал и споругата Маша која живее во Израел но е со руско потекло, се венчале покрај плажата во Лимасол.

„Беше чудно на почетокот, бидејќи сме навикнати на еврејска церемонија. Но ова беше професионално, не како венчавките во Вегас – со двојници на Елвис Присли“, рекол Гал.

Кипар заработува на оваа основа, рекламирајќи се како „островот на љубовта“. Индустријата на странски венчавки и носи 135 милиони долари годишно на економијата на грчкиот дел од Кипар.