Кинотеката одбележа 40 години од основањето, „Златен објектив“ за Дар Мар

Кинотеката на Македонија синоќа одбележа 40 години од основањето. По тој повод на Дарко Марковиќ, познат како Дар-Мар, му беше доделена наградата „Златен објектив“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија за 2016 година.

Наградата ја прими неговиот син, Филип Марковиќ кој изрази благодарност за укажаната чест, го честиташе јубилејот на Кинотеката на Македонија и посака успешна работа.

„Оваа година славиме јубилеј, 40 години од постоењето на оваа институција, чија задача била, е и ќе биде прибирање, обработка, чување, заштита и презентација на филмовите и филмските материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење, создавање фонд на филмови и филмски материјали од домашно филмско творештво и филмско производство, како и создавање фонд на значајни филмски остварувања од други национални кинематографии“, рече Бошко Грујоски, директор на Кинотеката на Македонија.

Тој информира дека Кинотеката во своите депоа успеала да прибере и сочува преку 15.000 филмски копии од домашни и странски продукции, повеќе од 75.000 парчиња пропаганден материјал, фотографии и плакати, повеќе од 100.000 пишани документи, книги на снимања, сценарија.

Кинотеката, како што рече, располага со богата колекција на стари кинематографски апарати. – Севкупниот фонд на националното-аудиовизуелно богатство сместено во трезорите на Кинотеката хронолошки опфаќа период подолг од еден век, од првите филмови на браќата Манаки, преку филмовите снимени од странски автори за Македонија во периодот до Втората светска војна и денешната македонска филмска продукција, рече Грујоски.

Тој за годинава најави  дека е планирана дигитализација на филмовите на режисерот Бранко Гапо. Се работи за шест играни филма, кои треба во текот на оваа година да се реставрираат. Планирано е и реконпонирање на музејската поставка во Кинотеката на Македонија, која треба да биде завршена годинава.

До 28 април во Кинотека ќе бидат прикажани филмовите, кои се дигитално реставрирани од минатата година. Досега беа прикажани филмот „Хај-фај“ на Владимир Блажевски, и„Жед“ на Димитрие Османли,  а вечерва ќе биде прикажан „Татко (Колнати сме, Ирина)“ на Коле Ангеловски, со почеток од 20 часот.