Кинотека утре дава 100 бесплатни ДВД изданија со филмовите на Кирил Ценевски

Кинотека на Северна Македонија, во знак на сеќавање на режисерот и сценарист Кирил Ценевски, на заинтересираните филмофили ќе им додели 100 бесплатни ДВД изданија со неговите играни филмови.

Утре, кога се одбележува една година од смртта на режисерот, заинтересираните ќе можат примерок од изданието да подигнат во просториите на Кинотеката во периодот од 9 до 15 часот.

Се работи за ДВД изданието со дигитално реставрираните играни филмови на Ценевски кое Кинотеката го промовираше пролетта минатата година, неколку месеци пред заминувањето на легендарниот автор во македонската кинематографија. Изданието ги содржи филмовите: „Црно семе“, „Јад“, „Оловна бригада“ и „Јазол“.

Ценевски е роден во Крива Паланка, 28.1.1943. Во 1971 година Ценевски го режира филмот „Црно семе“, за којшто добива повеќе награди: Златна арена за режија на фестивалот во Пула, Златен венец за најуспешен деби, 11 Октомври. Потоа ги сними „Јад“ (1975) и „Оловна бригада“ (1980), а по четвртиот игран филм „Јазол“, Ценевски не застана зад камерата повеќе од три децении.

Ценевски е добитник на наградата „Златен објектив“ за 2013 година, која Кинотеката на Македонија ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија. Истата година беше првиот добитник и на наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“, награда што ја воспостави Друштвото на филмските работници и ја доделува на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.