КиноБит: Алатка за јакнење на млади активисти – Краудфандинг кампања на ФОРУМ 16 од Битола

Здружението за граѓански активизам ФОРУМ 16 – Битола од денеска почнува со краудфандинг кампања (групно финансирање) за да обезбеди 5.500 американски долари потребни за опрема за продукција на кратки филмови за време на првиот Кино Кабаре настан во Битола и Македонија.

Кампањата, наречена „КиноБит: Алатка за јакнење на млади активисти“, ќе биде поставена на платформата Generosity.com и ќе трае од 15-ти мај до 30-ти јуни. Собраните средства се потребни за набавка на камери, компјутери, друга техничка опрема и софтвер. Подготовката на краудфандинг кампања е менторски поддржана од страна на Здружението Лидери за едукација, активизам и развој – Скопје.

„ФОРУМ 16 секогаш работи со цел да им овозможи на младите од Македонија алатки за да ја изразат својата визија за подобро општество. За таа цел, ФОРУМ 16 планира да го организира во Македонија првиот Кино Кабаре настан во Битола, родното место на филмската индустрија на Балканот. Со овој настан ќе започне нова и постојана програма за обука на млади активисти за граѓанско општество, медиуми, застапување и технички аспекти на создавање на „кратки филмови во краток временски период“ – белег на Mеѓународното Кино Движење“, соопштуваат од Здружението.

За премиерното издание на Кино Кабаре, ФОРУМ 16 планира во Битола да донесе 25 креативни млади лица од цела Македонија, за да добијат обука за човекови права, добро владеење, застапување, како и за основите за продукција на филм.

Ова ќе биде проследено со два дена техничка поддршка за снимање и монтирање на филмовите, како и со настан за прикажување на резултатите, односно филмовите пред филмски професионалци и пред пошироката публика.

Потоа, ФОРУМ 16 планира да организира турнеја Кино Караван, преку која филмовите на младите ќе бидат прикажани пред јавноста и публиката низ други градови на Македонија.