Локалните медиуми во северо-западниот ирански град Занјан пишуваат дека единственото кино во градот, „Бахман“ било преплавено со апликации за работа откако граѓаните биле збунети од постер за новиот филм „Се бара работник“, јавува новинската агенција Фарс, пренесува ББЦ.
Според медиумите, постерот кој го рекламира филмот за класните поделби во иранското општество преку очите на тројца мажи кои патуваат за Техеран во потрага по работа, веројатно погрешно бил разбран како вистински оглас за вработување во киното.
Сепак, од киното, ги отфрлиле овие информации. Директорот Парвиз Азади, за агенцијата ИЛНА, изјавил дека никој не го помешал постерот за оглас за работа. Напротив, објаснил тој, филмот бил толку популарен што невработените почнале да бараат работа.
„Дури и пред прикажувањето на филмот, луѓето кои бараа работа доаѓаа во киното секојдневно, како и на многу други места, во потрага по работа“, рекол Азади.
Првичните информации на конзервативните медиуми предизвикале реакција на интернет корисниците во Иран. Тие овие информации ги искористиле за да се пошегуваат со умерената влада на Претседателот Хасан Рухани, поради високата невработеност во земјата.
Стапката на невработеност во Иран изнесува 12,6%, односно невработени се околу 3,3 милиони луѓе. Но, државните медиуми се обидуваат да претстават малку поповолна слика, во надеж дека подигањето на меѓународните санкции врз земјата ќе доведат до економско закрепнување.