„Кино на трева“ утре и задутре повторно во МКЦ

Младински културен центар (МКЦ) во својот парк и овој петок и сабота (17 и 18 јули) организира „Кино на трева“.

Под отворено небо на 17 јули од 21 часот ќе биде прикажана историската романтична драма „Portrait of a lady on fire“ на Селин Скиама. Францускиот филм лани беше одлично прифатен и од критиката и публиката, добитник на награда за најдобро сценарио на Канскиот фестивал.

На 18 јули од 21 часот ќе биде проектиран филмот „Everybody Knows“ на Асгар Фархади, кој изминатата деценија се етаблираше како еден од највлијателните и меѓународно признаени режисери на Иран. Ова е неговиот последен филм од 2018 година, крими мистериозна драма со Хавиер Бардем, Пенелоп Круз и Рикардо Дарин.

Влезот во паркот на МКЦ е бесплатен, со ограничени број билети што можат да се набават тука и под посебни протоколи.

„Настаните ќе бидат реализирани по соодветен протокол, запазувајќи ги препорачаните мерки за заштита. Ве молиме придржувајте се до истите. Доколку сакате да имаме културна програма ова лето, Ве молиме грижете се за себе и другите. Придржувајте се до мерките и протоколите“, соопштуваат од МКЦ.