„Можете и позагадено. Важно е да сакате“, изјавија кинеските дипломати по посетата на Македонија.
Претставници на Министерството за животна средина на Република Македонија денес се сретнаа со претставници на министерството на животна средина на Народна Република Кина. На средбата беше потпишан договор за меѓусебна соработка за подобрување на аерозагадувањето на територијата на цела Македонија и Кина. Кинезите беа многу задоволни од постигнатите резултати во неколку градови во Македонија и изјавија:
„Не верувавме дека е можно да се постигнат вакви бројки надвор од Кина па затоа решивме да ја посетиме вашата земја и лично да се увериме. Ние со години работиме на подобрување на загадувањето на ниво на целата република, ама изгледа со вакви примери на мали земји како вас најдобро се учи. Ние дури проектите за успешно загадување на Скопје, Битола и Тетово решивме да ги ставивме во учебните помагала на институтите за менаџмент. Особено нè радува фактот што Битола успеа да вметне радиоактивен ураниум во воздухот без да направи нуклеарна централа“, рече кинескиот дипломат гушејќи се ентузијастички. „И ние сакаме да го подобриме радиоактивното загадување во нашата земја иако не можеме да се пожалиме дека лошо ни оди. Затоа, сега како чин на враќање на услугата сме спремни да ви понудиме план базиран на нашите искуства за подобро загадување во сите градови на Република Македонија“.
Исто така, од кинеските дипломати беше истакнато дека се запознаени со спремање на теренот за загадување во Охрид и правењето планови за кинески ѕид долж крајбрежјето кај центарот на градот. Посочија дека е многу уникатна идејата да се загади еден таков град кој е меѓу малкуте во светот кои имаат УНЕСКО статус на културно и природно наследство и крајно време е да се тргне таа тривијална заштита и Охрид да се стави на мапата со загадени градови. Откако заврши формалната средба, владините претставници од двете земји отидоа на прошетка до крстот на Водно каде што ги извадија гас-маските и панорамски го гледаа извонредниот резултат од загадувањето на главниот град.
Додека беа на Водно, Кинезите беа непријатно изненадени и прашаа зошто само до средно Водно има автомобили и нервозно додадоа дека убаво би било и на врвот малку да „пркне“ сообраќајот. Градоначалникот на Скопје Гоце Тралаловски задоволно рече дека работи на тоа. Мавтајќи со раката, тој рече:
„Економијата на Македонија е број два во Европа, светот и пошироко, се разбира после Кина. Треба да наметнеме еден благороднички имиџ и во поглед на гастрономијата, па затоа сега подготвуваме голема инсуфициентна кула на врвот на која основната намена ќе ѝ биде робовладетелите да може да јадат кавијар од високо“.
Според Тралаловски, кога ќе се направи кулата ќе се прошири улицата на три ленти за сите вљубеници во природата да можат побрзо да дојдат во ресторанот, а воедно и позитивно да влијаат на загадувањето на воздухот. После прошетката на Водно двете делегации свечено се искашлаа и се упатија на вечера во хотелот Смог.
*Напомена: Текстот е сатиричен и превземен од O2 – Коалиција за чист воздух