Кинезинка заработи притвор поради стримот во кој „недолично“ ја пее државната химна

Кинезинка, која стана славна поради нејзините интернет стримови во живо, била притворена пет дена поради „навреда“ кон националната химна на земјата.

Дваесетгодишната Јанг Каили, која има десетици милиони следбеници, се појавила пред камерата пеејќи ја химната додека ги мафтала рацете наоколу.

Платформата за стримање во живо, Хуја, претходно го отстрани нејзиното видео и го забрани нејзиниот канал. Јанг, која е позната како Ли Ге, јавно се извини за снимката.

Шангајската полициска служба соопшти дека таа го прекршила Законот за национална химна на Кина.

„Националната химна е симбол на земјата, сите граѓани треба да ја почитуваат и чуваат нејзиното достоинство“, се вели во соопштението.

„Платформите за стримање во живо не се над законот – врз нив се применуваат законот и моралните стандарди“.

Според Законот за национална химна на Кина, кој стапи на сила минатата година, оние кои ја пеат химната  „ без почитување и изобличено“ можат да бидат притворени до 15 дена.

Во Кина има илјадници стримови во живо, каде луѓето се снимаат како јадат, пеат или едноставно зботруваат пред камерата за да ги забавуваат луѓето и да заработат пари. Во 2016 година, кинескиот пазар за стримови во живо се проценува дека чинел околу 5 милијарди долари.

Младата Јанг се стримала како пее дел од националната химна, на платформата за стримови Хуја, на 7 октомври. Пеејќи ја химната, таа се смеела и мавтала со рацете наоколу, како диригент.

Според кинеските медиуми, Јанг имала околу 44 милиони следбеници на Хуја, пред да биде избришан нејзиниот профил и да биде притворена.

„Актот на Ли Ге е кршење на Законот за национална химна”, се вели во соопштението на компанијата објавено минатата недела. „Хуја одлучи да го забрани нејзиниот канал. Ние сме посветени на ширење позитивна енергија и … зачувување на достоинството на националната химна”.