Кинези протестираат против загадувањето, специјални единици го блокираат градот

Протест против загадувањето во кинескиот град Ченгду беше агресивно задушен изминатиот викенд, со големо полициско присуство неколку дена, за да се спречат понатамошни демонстрации.

Протестите започнале откако југозападниот краг Ченгду бил сосема покриен од дебел смог, а некои жители им ставале заштитни маски на статуите низ градот. Непознат број протестанти биле приведени, а посебни единици биле видени во шопинг областа на градот.

Токсичните облаци смог се честа појава во поголемите кинески градови, а некои истражувања покажуваат дека загадувањето предизвикува еден милион смртни случаи годишно. Кинеските лидери прогласија „војна со загадувањето“, но многу државни компании се најголеми загадувачи – како фабриките за челик, јаглен и струја.

Плоштадот Тианфу во центарот на градот е сѐ уште затворен, а полициски возила се паркирани, додека полицајците спречуваат луѓе да влезат, јавува Guardian. Во Кина протести се дозволуваат многу ретко, а малите демонстрации најчесто се разбиваат набргу, без поголеми приведувања. Одговорот во Ченгду бил сериозен, доколку се земе предвид бројот на протестанти, иако точни бројки не се познати.