Кинеските готици во одбрана на жена од која било побарано да ја отстрани „вознемирувачката“ шминка

Кинеската готска заедница со остри реакции на социјалните мрежи откако на нивна сограѓанка ѝ било наредено да ја отстрани шминката пред да се качи во метрото, со објаснување дека „ќе ги вознемири“ останатите патници.

Во објава на популарната кинеска социјална мрежа „Веибо“, жената раскажа како обезбедувањето во метрото во Гвангжу ја сопрело да патува поради нејзината обемна шминка на очите и црниот кармин.

Од обезбедувањето ѝ рекле дека нејзината шминка е „проблематична и ужасна“, по што ѝ побарале да ја отстрани ако сака да продолжи со патувањето.

„Како кинески државјанин, се надевам дека ќе ја искористам оваа релативно јавна платформа за да се спротивставам на властите: Кои закони ви даваат право да ме запрете и да го трошите моето време?”, напиша таа во својата објава.

„Ако можете да наведете барем еден, јас сум подготвена да платам банер што ќе виси на станицата, на кој ќе пишува: Луѓето што носат готски Лолита фустани не смеат да се возат со метро“.

Како одговор на случајот, илјадници корисници на „Веибо“ започнаа да објавуваат селфи на кои се целосно облечени во готски стил користејќи го хаштагот #ASelfieForTheGuangzhouMetro.

Ова ги натера надлежните да се извинат и да го суспендираат вработениот кој ја навредил жената.

Повеќе од 5000 луѓе објавија фотографија од себеси во знак на солидарност. Готиката е популарна субкултура во Јапонија, а од неодамна се прошири и во Кина.