Кинескиот уметник Ai Weiwei ќе прави споменик во чест на бегалците на Лезбос

Кинескиот уметник Ai Weiwei најави дека ќе постави меморијален споменик на грчкиот остров Лезбос во чест на бегалците, меѓу кои има голем број што загинаа обидувајќи се да стигнат до Европа. Островот беше главниот влез во ЕУ за стотици илјади бегалци изминатата година. Студиото ќе создаде неколку проекти со теми инспирирани од бегалската криза во соработка со неговите студенти.

„Како уметник морам да се поврзам со човековото страдање. Никогаш не ги одвојувам овие случувања од мојата уметност“, вели Weiwei, кој е познат како уметник кој во неколку наврати се судрил со кинеските власти за неговата работа.

Тој ја пофали импресивната работа на неколку странски невладини организации во Холандија, Норвешка и Шпанија. Тој додаде дека постои недостиг на свест и желба за дејствување во однос на ситуацијата во Европа и во останатиот свет.

„Лезбос не е границата, туку границата е во нашите срца и глави“, рече Weiwei .

Тој планира да го посети островот уште неколку пати во текот на годината, а ако кризата продолжи, ќе го посетува и по 2016 година. Во проектот ќе се вклучат од шест до десет негови студенти од Кина и Германија.