Кинески научници создадоа хартија отпорна на оган и вода

Тим на истражувачи во Шангајскиот институт за керамика од Кина разви изум, кој се смета за првата хартија на светот која е отпорна на вода и оган.

Хартијата е отпорна на вода дури и кога површината ѝ е физички оштетена, а не ја валкаат течности во боја, како кафе и чај.

Хартијата може да издржи и топлина до 200 степени Целзиусови, со што е практично отпорна на оган.

Изумот на Кинезите може и да се избрише со вода, без да се размачка она што е напишано на неа. Со тоа, таа е подобар материјал за архивирање на документи кои мора да „преживеат“ вода или оган, велат од тимот.

Иако постојат начини хартијата да се направи отпорна на оган или помалку уништлива од течности, оваа хартија е уникатна бидејќи ги комбинира и двете својства, вели професорот Жу Јингџие, главниот истражувач на проектот.

Неговиот тим, кој работи на развивање на материјалот од 2008 година, моментално аплицира за да ја патентира технологијата и се надева дека за три години производот ќе биде на пазарот.

Хартијата направена од растителни фибри лесно се уништува од течност, но истражувачите ја направиле оваа хартија од наножици од хидроксиапатит.

Хидроксиапатитот е форма на калциум која може да се најде во коските и забите, па на хартијата и дава уникатни квалитети.

Жу вели дека хартијата ќе чини „неколку јуани повеќе“ од нејзиниот вообичаен еквивалент со А4 формат, но цената може да се намали доколку се произведува масовно.