Кинеската влада го превоспитува муслиманското малцинство во концентрациони кампови

Според истражувањето на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари во соработка со 17 партнерски медиуми, вклучувајќи ги и БиБиСи Панорама и „Гардијан“ обелоденети се податоци кои ја шокираат јавноста – Кина ги затворала кинеските муслимани во концентрациони кампови, се’ со цел за да се откажат од своите верски убедувања.

Радио МОФ контактираше со неколку меѓународни невладини организации кои ја набљудуваат состојбата со малцинствата и нивните човекови права низ светот. Тие кои сакаа да дадат јавно изјава, стојат на ставот дека Ујгурите, кои се кинеско малцинство од исламска вероисповед, се затворани во кампови за „перење на мозокот“ поради нивните верски убедувања, при што се посочува дека Народна Република Кина има проблем со различните религиски убедувања.

„Сите религиозни групи кои се против правилата на Комунистичката партија во Кина се нарекувани ‘религиозни екстримисти’, вклучувајќи ги и христијанските,” вели невладината „Перспектива за кинеските човекови права“ за Радио МОФ.

Дополнително на ова, меѓународната „Бранители на кинеските човекови права“ за Радио МОФ се изјаснија дека не е јасно колку луѓе во Кина знаат за ситуацијата на Ујгурите бидејќи кинеската влада ги контролира и цензурира медиумите, според нивните набљудувања.

Голем број светски активисти за човекови права ја искажаа својата загриженост за ситуацијата во Кина и побараа од Обединетите Нации и „Кампањата за човекови права“ да истражат и да дојдат до вистината која Кина, според нив, толку многу се обидува да ја сокрие.

„За жал, владата во Кина, одби на независно тело на Обединетите Нации да дојде и да ја истражи состојбата во оваа покраина, и дури ги ограничува и големите светски медиуми во нивното истражувачко новинарство. Сè дури некогаш тој народ не се избори за демократија и против едноумието, нема да има ни почитување на човековите права,” изјави Јасмин Реџепи, македонски аналитичар и граѓански активист за човекови права од невладината „Легис“ која најмногу се занимава со мигрантските и бегалски политики.

Кинеските власти на обвинувањата одговораат дека станува збор за училишта за спречувања на верски екстремизам, каде учениците ја посетуваат наставата по своја волја.

Но, според официјални документи анализирани од страна на британскиот водечки медиум БиБиСи, во Кина постојат кампови со високо обезбедување каде што повеќе од еден милион Ујгури од провинцијата Ксинџијанг, се затворани, измачувани и присилувани да се откажат од своите културни и верски убедувања, а притоа да ги прифатат кинеските.

Светските медиуми тврдат дека документите што биле добиени како резултат на истражувањето, насловени како “The Chine Cables” вклучуваат 9 страници испратени во 2017 година од страна на Џу Хаилун, тогашниот заменик-секретар на Комунистичката партија на Ксинџијанг до тие кои управуваат со камповите.

Иструкциите што биле упатени до управителите на камповите е да не се дозволува бегство, да се зголеми дисциплината и да се казнуваат тие кои со своето однесување ќе ги прекршат правилата на камповите. При тоа треба да се промовира покајание и исповед. Учењето, пак, на мандаринскиот јазик да биде приоритет и целиот простор од камповите да биде под видео надзор.

Документите прикажуваат дека секој аспект од животот на „студентите“, како што кинеските власти ги нарекуваат своите затвореници во камповите е строго набљудуван и контролиран.

„Студентите треба да имаат фиксна положба на спиење, фиксна положба во редиците, фиксно место на седење во училниците и фиксно место при работа. Ова е строго забрането да се менува.” – се вели во документите, според БиБиСи Панорама.

Медиумот во својата репортажа ја споменува и приказната на Ракима Сенбај, поранешна затвореничка во кинеските кампови која моментално живее во Казахстан. Сенбај била во камповите поради тоа што на својот телефон ја имала инсталирано апликацијата WhatsApp, која е строго забранета во земјата.

„Една недела ми ставија окови на нозете. Некогаш нè тепаа. Еднаш ме удрија со електрична палка.“ – вели Сенбај во репортажата, присетувајќи се на кобните мигови поминати во камповите.

БиБиСи вклучува и снимен материјал во камповите кои самата Кина им дозволи да го снимат со цел да докаже дека не станува збор за концентрациони кампови, туку „училишта за трансформација на мисли“.

Репортерот на БиБиСи, кој е убеден дека сепак станува збор за концентрациони кампови, а не училишта како што велат вработените во нив, вели дека пронашле графит, чијшто автор одлучиле да не го обелоденуваат, за да го заштитат, бидејќи испишаниот текст ја доловува целата болка што тие ја пренесуваат низ репортажата: „Ох! Срце мое, немој да се скршиш!“.

Кристина Ласкова

*Текстот е направен во рамки на Новинарскиот клуб на Радио МОФ раководен од новинарот Огнен Јанески