Кина: Туристи ги уништуваат расцветаните црешови дрвја за „совршено селфи“

Со доаѓањето на пролетта, се повеќе Кинези го посетуваат храмот Јунминг, во Нанџанг, каде се фотографираат со расцветаните цреши. Сепак, во потрагата по подобра селфи фотографија, дел од посетителите одат чекор подалеку при што го оштетуваат јавниот имот, јавува People’s Daily.

Неидентификувана Кинезинка беше уапсена по серијата фотографии во кои со високи потпетици се качува на расцветаното црешово дрво, кршејќи дел од гранките, а со цел да направи подобра фотографија.

Други слики пак покажуваат човек кој го тресе дрвото за беливе листови од цветовите да паѓаат врз него додека ја прави сопствената фотографија.

Фотографиите на недоличното однесување преку социјалната мрежа Веибо ги виде целиот свет и предизвика негодување кај Кинезите.

„Овие луѓе треба да бидат уапсени,обвинети и гонети за предизвикување непријатност, уништување на јавен имот. Ова не е прифатливо однесување“, коментираат Кинезите на социјалните мрежи.

Ова е еден од низата инциденти кои го покажуваат недоличното однесување на дел од кинеските туристи, а кои станаа видливи поради социјалните мрежи. Во саботата, видео на кинески туристи кој трупаат чинии со ракчиња на масата за време на ручекот го виде целиот свет. Видеото е направено за време на посета на Тајланд и наиде на силни критики во јавноста во Кина.