Кина со „вештачка месечина“ сака да ги намали трошоците за струја

Kина планира да лансира своја „вештачка месечина“ до 2020 година со цел да ги замени уличните светилки и да ги намали трошоците за електрична енергија во урбаните области, пренесува АФП по објавите на кинеските медиуми.

Ченгду, град во југозападната провинција Сечуан, развива „сателити за осветлување“, кои ќе светат заедно со вистинската месечина, но се осумпати посветли.

„Првата вештачка месечина ќе биде лансирана од Хичанг центарот за лансирање сателити во Сечуан, а уште три други ќе следат во 2022 година, доколку првиот тест е добар“, рече Ву Чунфенг, раководителот на „Tian Fu New Area Science Society“, организацијата одговорна за проектот.

„И покрај тоа што првото лансирање ќе биде експериментално, сателитите од 2022 година ќе бидат вистински со голем граѓански и комерцијален потенцијал“, потенцира тој во за кинескиот Чајна дејли.

Рефлектирајќи светлина од сонцето, сателитите може да ги заменат уличните светла во урбаните области, заштедувајќи околу 170 милиони долари годишно за електрична енергија за Ченгду, доколку вештачките месечини осветлуваат површина од 50 квадратни километри.

Вонземски извор на светлина, исто така, ќе помогне при спасувачки напори за време на катастрофи во зоните каде има прекин на електрична енергија, додаде тој.

АФП не бил во можност да контактира со Ву, ниту со „Tian Fu New Area Science Society“ за да ги потврди известувањата.

Проектот за вештачка месечина на Ченгду е најавен на 10 октомври од Ву Чунфенг на конференција за иновации и претприемништво во Ченгду.