Кина со дрон лови средношколци што препишуваат на испит

Дронот е најновото оружје на кинеските власти во борбата против препишувањето на приемните испити за факултет.

Дронот, кој во неделата летал над двата испитни центри во градот Луојанг, во централната кинеска провинција Хенан, имал задача да пронајде необични сигнали испратени од уреди кои учениците ги сокриваат и би можеле да ги користат во текот на тестот.

Како што јави агенцијата „Срна“, а пренесе Ал Џазира, ниту еден ваков сигнал не бил детектиран во неделата, на првиот ден од тестирањето, на кое учествувале околу девет милиони средношколци.

Речиси сите средношколци во Кина мораат да полагаат приемен ако сакаат да бидат примени на факултет. Притисокот е огромен, а многу ученици со месеци учат за испитот.