Кина размислува да ја забрани облеката која „ги навредува националните чувства“

Во Кинескиот парламент предложени се законски измени, кои доколку бидат усвоени ќе овозможат на властите да казнуваат и приведуваат луѓе кои носат облека со која „се навредуваат националните чувства“, во потег кој предизвика нова загриженост за слободата на изразувањето во државата.

Парламентот сака да ги забрани ознаките и симболите кои се сметаат за „штетни за духот на кинеската нација“, фраза која се користи кога се мисли на патриотизам, пренесува Си-Ен-Ен.

Текстот на предлог-измените потсетуваат на јазикот кој властите во Пекинг го користат за да ја попречуваат слободата на говор во земјата, како и да се справат со она што го сметаат како навреда која доаѓа од странски држави или компании.

Доколку овие измени бидат усвоени, ќе стане незаконски да се носи или да се принудува носење „навредлива“ облека и предмети на јавни места, иако во текстот не е специфично наведено што точно се подразбира под „навредливи предмети“. Прекршителите на законот можат да добијат притвор до 15 дена, како и парична казна од 5.000 јуани (681 американски долари).

Корисници на социјалните мрежи во Кина изразија загриженост и повикаа овој предлог да биде отфрлен. Неколку правни експерти истовремено ги потенцираа многуте нејаснотии во текстот, како и недостатокот на специфични насоки.

„Кој ќе го потврдува духот на кинеската нација и по кои процедури?“, напиша професорот по уставно право, Тонг Живеи од Универзитетот на Источна Кина во Шангај.

Во предложените измени на законот исто така се споменува и забрана за „продуцирање, ширење и публицирање“ на текстови кои можат да го „навредат духот на Кина“.

Ваквиот предлог доаѓа по серија на забрани кои се однесуваат на повеќе уметнички и лични стилови, како на пример забраната за „феминизирачки стилови“ во училиштата или медиумите, како и тековното стигматизирање на тетовирањето во земјата.