Кина им забранува на учениците да користат мобилни телефони на училиште

На учениците во Кина им се забранува да користат телефони во училиште, одлучи Министерството за образование.

На учениците нема да им биде дозволено да носат мобилни телефони во училиште без писмена согласност од родителите.

Властите велат дека сакаат да го заштитат видот на младите, да ја подобрат нивната концентрација и да спречат зависност од интернет.

Училиштата се охрабруваат да најдат други начини на кои родителите можат да комуницираат со децата во текот на училишниот ден.

Според локалните медиуми, меѓу родителите имало жестока дебата околу тоа дали одлуката е практична.

Огромното мнозинство на деца и тинејџери во Кина пристапуваат на интернет преку сопствените паметни телефони – 74% од помладите од 18 години, според владиниот центар за информации во Кина.

Но, властите се загрижени за тоа како употребата на интернетот влијае на здравјето на младите на нацијата.

Има зголемено ниво на кратковидост кај децата во Кина и во 2018 година, властите најавија планови за регулирање на индустријата за игри, што делумно беше обвинувана за проблемот.

Тие исто така ја наведоа загриженоста дека зависноста од игри штети на менталното здравје.

Следната година беше воведен полициски час за лица под 18 години, кои беа ограничени на 90 минути игри во работните денови и три часа за време на викендите и празниците.

Многу училишта во Кина веќе ја ограничуваат употребата на мобилни телефони во нивните простории.

Темата за забраната стана главна вест во Кина и на социјалните мрежи, а илјадници дискутираа за тоа на социјалната мрежа Веибо.

Околу 27 000 луѓе гласаа на онлајн анкета, на која повеќето од нив велат дека нема потреба од нови правила поради широко распространетата забрана за време на училишните часови. Некои посочија дека децата може да продолжат да користат прекумерно телефони кога не се на училиште.

Планот да се запрат училиштата да поставуваат домашни задачи преку телефон е исто така критикуван.

Слична е ситуацијата и во Франција, каде законодавците во 2018 година гласаа за забрана за употреба на телефони во основните и средните училишта, со ставот дека децата под 15 години мораат да ги држат своите мобилни телефони далеку од очите додека се во училишните простории.

Но, ваква забрана веќе се практикува и во неколку македонски училишта, иако во повеќето случаи станува збор за индивидуална одлука на општини и училишта.