Кина ги прогласи трансакциите со криптовалути за нелегални

Сите трансакции поврзани со криптовалути се нелегални, соопшти кинеската Централна банка, пренесува Индепендент.

Одлуката е најновата и најекстремната интервенција на Народната банка на Кина, во услови на тековно сузбивање на биткоинот и другите дигитални валути во земјата.

Откако уживаа во претежно позитивен период до објавувањето, вредноста на криптовалутите опадна веднаш по објавувањето на веста. На пример, биткоинот падна речиси 6 проценти за еден час.

Најновата информација од надлежните во Кина гласи дека сите деловни активности што користат дигитални валути се незаконски. Посочувајќи на дигитални валути како што се биткоин, етериум и тедацоин, се вели дека сите криптовалути не се „законски надомест и не треба и не можат да се користат на пазарот како пари“.

Исто така, ги опфаќа компаниите што работат со размена, финансиски институции што купуваат и продаваат криптовалути или други видови трансакции.

Известувањето од Централната банка, исто така, забранува размена во странство што нуди слични услуги за луѓето што живеат во Кина, преку интернет.

Меѓутоа, се чини дека не го забранува поседувањето криптовалути.

Како и во претходни изјави на кинеските надлежни лица, најновото известување од Централната банка забележува дека растат „шпекулациите“ за дигиталните валути  и дека се користат за криминални активности како што се „коцкање, нелегално собирање средства, измама, перење пари“… Исто така, се вели дека тоа „сериозно ја загрозува безбедноста на имотот на луѓето“.

Исто така, предупредува, како и во минатото, дека виртуелната валута не е легално средство за плаќање и дека секој што учествува во шпекулациите околу неа ќе биде принуден самиот да ги сноси сите загуби.