Кина донираше над 3 илјади книги за институтот „Конфуциј“ во Скопје

Институтот „Конфуциј“ кој лани беше отворен во НУБ „Св. Климент Охридски“ го збогати библиотечниот фонд со над 3.000 книги, учебници, наставни и аудиовизуелни материјали. Донатор на изданијата е Централната управа на институтите „Конфуциј“ од НР Кина.

Институт Конфуциј

Новите изданија ќе бидат достапни за сите заинтересирани изучување на кинеската култура, но засега најмногу ќе ги користат четириесетината македонски студенти кои на Институтот учат кинескиот јазик и се запознаваат со кинеската култура.

„Ние имаме заедничко нешто – и кинескиот народ и цивилизација и македонскиот народ и цивилизација се милениумски и се длабоко вткаени во светските цивилизациски придобивки“, истакна денеска ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“,  Велимир Стојковски.

Според директорот на Институтот, професорот Денг Ши Џонг, главна задача на институтот е да ја развива наставата по кинески јазик, но и да ги унапреди и поддржи размената во образованието и културата и да одржува настани кои ќе ги подобрат односите меѓу Македонија и Кина во најразлични сфери.

„Се надеваме дека со нашите активности во Македонија ќе се развие љубов и интерес за изучување на јазикот, како и за разбирање на кинеската култура. Тоа е целта и на оваа донација од над 3.000 книги кои се подарок за граѓаните на Македонија“, истакна Ши Џонг.

Покрај наставата на „Конфуциј“,  околу 40 македонски студенти треба да заминат на студии во Кина за да ја изучуваат традиционална кинеска медицина, а за првпат годинава во Кина на летен камп ќе отпатуваат 16 студенти. Според најавите, во иднина се планира и размена на стручни лица од областа на лингвистиката меѓу двете земји.