Ким ДотКом планира повторно да го пушти сајтот Megaupload во 2017 година

Интернет претприемачот Ким ДотКом планира повторно да го пушти сајтот Megaupload во 2017 година. Оригиналната страница беше доста популарна и се проценува дека во денот, бројката на корисници достигнувала и до 50 милиони. Во 2012 година сајтот беше затворен од американските власти поради споделување на датотеки без авторски права.

Новиот сервис ќе ги обнови профилите на старите корисници на Megaupload, при тоа со привилегиите на платените сметки. ДотКом најави и дека планира да користи Bitcoin како платежно средство во Megaupload.

„На 20-ти јануари 2017 година, точно пет години по прекинот на Megaupload, сајтот ќе се врати. Ќе биде подобар од оригиналот и ќе се чувствуваме како дома”, се вели во еден од твитовите на Ким ДотКом, кој по потекло е од Германија, а сега живее во Нов Зеланд.

Тој вели дека страницата официјално ќе биде пуштена на 20 јануари за да се одбележат пет години од големата полициска рација во неговиот дом, поради огромниот пиратериски материјал достапен преку Megaupload.

Во меѓувреме, продолжува судската битка на ДотКом со американските и новозеландските власти. На крајот на минатата година судот во Нов Зеланд одлучи дека ДотКом може да биде екстрадиран во САД. Тој поднесе жалба, а во меѓувреме ги обвини и американските власти за погрешно интерпретирана од него реченица на германски, која ја користат како доказ во случајот. Оригиналниот текст сепак не е даден од властите што ДотКом го користи како мотив за жалба.