„КикФлип фест 2“ денеска во „Маракана“

По две одложувања, второто издание на фестивалот „КикФлип“ треба да се одржи денеска (20.08.) од 18 часот, ама поради најавата дожд наместо во скејт паркот – ќе се одржува во скопска „Маракана“.

„Останете со нас да го реализираме оригиналниот концепт на фестивалот во следна прилика кога нема да врне“, велат организаторите, чија замисла е да даваат простор на млади и нови алтернативни бендови, а притоа да се одржува натпревар во скејт.

Организаторите преку Инстаграм досега ги најавија „Кат јор нипл“, „Занаду“, „Короужн“, „Луфтанза“, „Хајка“ и „Димиш“.

За триото „Кат јор нипл“ велат дека се враќа во Скопје со една третина сменета постава и целосно оздравен грб. „Работат“ на вториот албум и најверојатно ќе свират нешто од истиот на „КикФлип 2“.

„Занаду“ е млад бенд од Скопје, кој не верува во жанровски ограничувања, а на музиката гледа како слобода за канализирање на моментална емоција, импулс и енергија. Слободното течење и храброто пливање низ жанрови, ритмови и фрекфенции се начини на кои пробуваме да го пронајдеме звукот кој ни се допаѓа. Досега го имаат објавено првиот сингл „Навика“ како предвесник на првиот албум.

За „Короужн“ организаторите посочуваат дека после доста настапи меѓу кои и „Земјотрес“ и „Д фест“ го заслужија пак местото на овој фестивал. Нивниот звук се базира врз прекумерено користење на звучни ефекти и максимално искористување на сета опрема што ќе ја најдат. Со досега 2 објавени албуми и подготовки за нов, веќе го дефинираат нивниот звук, за кој се стремат да го усовршат.

„Луфтанза“ се шест член бенд. Свират рок музика. По пандемијата, тие донесоа тотална рокенрол свежина во алтернативните кругови. Првата направена песна „Модерна депресија“ значеше старт за низа други песни, значеше старт и за растечка база на фанови, изданија и повеќе свирки на настани и фестивали.

„Хајка“ е млад панк бенд од Скопје. Влечејќи инспирација од бит-генерацијата на писатели и постмодерната уметност до сега имаат објавено едно ЕП „Непрекинато движење“ и албум „Антиталент“. Новата песна “Мека Машина” е дел од летната Liveurope плејлиста и беше вбројана во најдобрите синглови за првата половина на 2022 во Југославија, според Dejoslavija музички џубокс. Албумот „Мека Машина“ излегува оваа година.

Последниот артист кој е најавен за „КикФлип“ е „Димиш“. Се работи за млад артист од Скопје, кој прави музика во различни жанрови, бидејќи сака што повеќе луѓе да се пронајдат во неговата музика. Ова ќе биде негов прв настап во живо, па заедно со неговиот бенд ќе ги отсвират песните од последните 3 изданија.