„Kickstarter“ ги прекрши своите правила, собира пари за сириските бегалци

Најпознатата веб платформа за собирање донации, бруклинскиот „Kickstarter“ кој вообичаено поддржува креативни акции, на барање на претставници од Белата куќа започна кампања за собирање донации за Обединетите нации, со цел да им се помогне на бегалците раселени за време на војната во Сирија.

„Тие сакаа да го повикаат приватниот сектор за справување со бегалската криза на креативен начин“, изјави Џастин Казмак, портпаролот на „Kickstarter“ за Хафингтон пост. „Иако ние сме фокусирани на креативност, научивме многу за градењето заедници за поддршка и за донирањето. Мислевме, кога има покана од Белата куќа, дека може да направиме скромно, но позитивно влијание врз овие глобални, вонредни кризи“.

За првите четири часа по лансирањето на повикот од кампањата, собрани беа над 40 000 долари, што е повеќе од двојно повеќе од она што се собира на почетокот на просечна и  успешна кампања на „Kickstarter“, додава Казмак.

Овој потег е голема отстапка за компанијата. Според строгите правила на кои се прдржува Kickstarter, на нивниот сајт не се собираат средства за хуманитарни акции и инвестициски проекти. Но новиот потег сепак е во согласност со филозофијата на компанијата која се реструктуираше минатиот месец како корпорација од јавен интерес. Но и покрај тоа кампањата за бегалците е исклучок. „Kickstarter“ дизајнираше посебна страница за новата кампања, за разлика од останатите проекти.

Фокусот на „Кickstarter“ кон уметнички проекти – вклучувајќи и повремени социјални трикови, доведе до раст на нивните конкуренти со пошироки алтруистички мисии, како „Indiegogo“ или „GoFundMe“. И покрај новата кампања за Сирија, од „Kickstarter“ не најавуваат промена на својот фокус.

„Јас не го гледам ова како сигнал дека ние се движиме во друга насока”, рече Kazmark. „Тоа беше повик за акција, и сакавме да истапиме и да одиграме една мала улога“.