Кичево: Средношколците од „Дрита“ седат дома, во „Мирко Милески“ има настава

Поделеност во средните училишта во Кичево во однос на штрајкот на СОНК. Во ОСУ „Дрита“ штрајкуваат сите професори и нема екстерно за матурантите, во ОСУ „Мирко Милески“ пак наставата се одвива без прекини.

Зуфер Рушвај, претседател на синдикалната организација на СОНК во средното училиште „Дрита“, за Радио МОФ вели дека уште од првиот ден штрајкот овде се одвива со стопроцентно учество на професорите.

„Барањата се знаат, стоиме на барањата на СОНК за решавање на проблемите на просветните работници. Ние знаеме дека учениците губат, но Владата и МОН ги злоупотребуваат и учениците и родителите. Штрајкот беше неколку месеци во мирување, МОН имаше време за реакција“, заклучува Рушвај.

Матурантите од „Дрита“ велат дека не го полагаат екстерното тестирање кое почна во понеделникот.

„ На денот кога требаше да има бидеме тестирани бевме на училиште, но не информираа дека синдикалната организација и советот на родители решиле да не се одржи екстерното. Се зборува дека ќе има некој нов датум за полагање после овој, но не се знае кога. Инаку тоа што ме загрижува е да не биде во вториот , јунски рок бидејќи ќе треба да полагаме матура, па ќе ни се натрупа за учење“, вели матурант од „Дрита“.

Средношколците од СОУ „Мирко Милески“ пак велат дека наставата во ова училиште се одвива без никакви прекини.

„Кај нас се најнормално се одвива. Наставата тече вообичаено“, вели матурант од ова училиште кој во понеделникот го полагал екстерното.

Двете средни кичевски учлишта се наоѓаат во иста училишна зграда. Учениците од ОСУ „Мирко Милески” наставата ја следат главно на македонски, додека од ОСУ „Дрита“ на албански јазик.