Кежаровски пуштен од затвор, треба да се врати назад за еден месец

Новинарот Томислав Кежаровски пред малку излезе од затворот „Скопје“, бидејќи како што му било соопштено затворската казна му се прекинува за еден месец, односно му било речено во затвор да се јави на 18 февруари,  јавува „Фокус“.

„Во решението се наведува дека сум пуштен поради влошена здравствена состојба, а пишува дека во затвор треба да се појавам на 18 февруари“, вели Кежаровски за „Фокус“ и објаснува дека барањето за прекин на издржувањето на казната го побарал директорот на затворот „Скопје“, а одлуката ја донел директорот на Управата за извршување на санкции.

Пуштањето на Кежаровски од затвор доаѓа неколку часа пред најавениот протест за денеска напладне пред Апелацискиот суд во Скопје, а поради пресудата од 2 години затвор за новинарот. Од Апелација, собраните новинари и сите граѓани во поворка ќе продолжат кон зградата на Владата на РМ, за и таму да го изразат своето несогласување со затворската казна за новинарот.

„Сметаме дека единствената прифатлива одлука е ослободување на колегата, оти тој е невин! Неговите текстови објавени во 2008 година за кои е осуден, откриваат манипулација на одредени полициски структури со заштитен сведок, кој потоа и самиот призна дека во случајот „Ореше“ сведочел токму под нивна заканаЗатоа, ве повикуваме да застанете во одбрана на новинарската слобода и зад слободата на јавно изречениот збор во Македонија.  Борбата против цензурата е и лична битка на Томислав Кежаровски, но и битка на сите граѓани во Македонија“, порачуваат организаторите на протестот.