Кежаровски организира хуманитарна акција за донација на книги на затворениците во Скопје

Новинарот Томислав Кежаровски преку Фејсбук организира хуманитарна акција за собирање книги кои ќе се донираат на штитениците на затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.

Како што објави „Мета.мк “, до сега во соработка со членовите на Фејсбук-групата „Книгохоличари“ се собрани над 300 примероци книги кои ќе бидат однесени во текот на викендот, како форма на помош која е исклучително важна за понатамошна ресоцијализација на луѓето кои издржуваат затворски казни.

Ова не е прва ваква иницијатива поврзана со Кежаровски, најпознатиот поранешен политички затвореник во поновата историја на Република Северна Македонија. Тој е моментално е стипендист на програма за политички репресирани лица во Германија, но повремено преку граѓанската организација „На прав пат“ организира хуманитарни акции наменети за лица кои се во притвор или на издржување затворска казна.

Меѓу другото, приходот од продажбата на неговата прва книга „Живот во кутија“, која се продава преку веб-сајтот kezharovski.com и е достапна на македонски и на англиски јазик, исто така е наменет за хуманитарни цели од сличен тип. Книгата може да се купи и во електронска и во печатена верзија.

Кежаровски, врз основа на своето горко искуство, укажува дека е исклучително важно за луѓето кои по било кој основ се во притвор или затвор да се обезбедат нормални услови за живот, почнувајќи од хигиената, преку унапредувања на системско ниво. Според него, исклучително е важно надлежните да посветат дополнително внимание на обезбедување можности за вработување на овие луѓе по завршувањето на казните, на пример преку програмата на Заводот за вработување за еднократна помош за почнување мали бизниси. На тој начин драстично ќе се намали можноста од нивно враќање „на улица“.

Кежаровски во изјава за Мета.мк укажа дека читањето книги е една од клучните работи кои му помогнале да ги издржи над година и девет месеци во притвор, искуство кое тој детално го опишува во „Живот во кутија“.