„Керамикум во мермер“ – мултимедијален проект за ликовниот израз во неолитот од Емил Солески

Уметникот Емил Солески овој викенд преку изложба, филмска проекција и презентација ќе го претстави својот мултимедијален проект „Керамикум во мермер“.

Во рамки на промоцијата што ќе се одржи во сабота (24 септември) во неолитскиот локалитет Заливот на коските – Охрид ќе биде прикажан филмот „Желбеници“ и ќе биде поставена изложбата „Неолитско село од желбеници“.

Мултимедијалниот проект, како што посочува Солески во фокусот ја има куќата-желбеник како трансцедентен објект на субјективното доживување.

„’Желбениците’ се создавани во едно време, невреме, кога почнав да фантазирам за едно време, а можеби и невреме, можеби, велам оти е изгубена од хоризонтот, но никако изгубена од видокругот на археолозите. Керамикум…Неолит…Младо камено време, време на куќата како место во кое се концентрира и генерира нуклеусот на едно семејство и претставува центар во кој се дефинираат бројни вредности, тенденции и принципи“, вели Солески.

За прокетот свој осврт дава и професорот и писател Никола Јованоски, кој пишува дека Солески со своите видувања кон она што значи неолитско живеење, преку играта со светлината и изборот на различните камени основи не препушта да си создадеме слика за она што човекот го поврзува, а тоа се суштинските три елементи неопходни за нашето постоење: Земја, Вода и Сонце.

„Неговото истражување не е насочено кон пронаоѓање на артефакти од овој период, туку напротив, преку неговиот ликовен израз на скулптурите да продре во духот на Неолитот, во неговите културолошки достигнувања, целејќи при тоа на континуитетот на цивилизацискиот развој на овие простори. Куќата е центарот на вниманието. Камените скулптури ја доближуваат нејзината есенцијална природа во живеењето на неолитскиот човек. Симболот на „Големата мајка“ кој доминира во секоја од посочените скулптури е елементот што го поврзува внатрешниот со надворешниот свет. Желбата да се сочува интимното, семејното го наметнува и одговорот за тесните отвори на тогашните живеалишта“, вели Јованоски.

Емил Солески студирал на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, отсек вајарство. Првата самостојна изложба со наслов „Ритам“ ја претставил во 2002 година, а оттогаш имал 9 самостојни изложби. Има учествувано во неколку групни изложби на дела и монументални скулптури. Во моментов работи како професор по Ликовна уметност и Културно-историско наследство во Крушево.