Кенијците најуспешни на Скопскиот маратон 2014

Победник на „Wizz Air“ Скопски маратон 2014 и нов рекордер е Емануел Самал од Кенија со време од 2 часа 14 минути и 24 секунди. Второпласиран е неговиот сонародник Јулиус Кипруто Куто со време 02:21:46, а третото место го освои Даниел Мучуну Мванги, исто така од Кенија, пренесе МИА.

ФОТО:МИА

Во женска конкуренција победата и припадна на Луси Вамбуи Муриги од Кенија, остварувајќи време од 2 часа 37 минути и 45 секунди. Второто место го освои Росина Кибоино со време 02:44:03, а последното место на пиедесталот го освои Тунде Сзабо со време 02:48:20.

Низ улиците на главниот град денеска трчаа повеќе од 300 маратонци, 1.000 полумаратонци и над 4.500 учесници во хуманитарната трка.

Кениец беше најбрз и во полумаратонот. Едвин Кембои во машка и Сибила Маерс од САД во женска конкуренција победија со времиња од 01:09:28, односно 01:30:28. Останатите места на подиумот во машка конкуренција беа наменети за нашиот Кокан Ајановски (01:15:51) кој го освои второто место и Тед Даглас од САД кој беше третопласиран со време 01:18:11.

Во женска конкуренција, второ најдобро беше времето на нашата маратонка Росица Костова (01:31:18), додека на третото место се пласира Диана Голек од Полска(01:33:38).

Победници на хуманитарната трка која воедно беше и најмасовна од трите трки беа Маја Стојковска во женска конкуренција со време 00:21:49 и Илир Келези во машка конкуренција со време 00:16:31. Останатите места на подиумот ги освоија Александар Стојановски (2 место – 00:16:54) и Атанас Анчевски (3 место – 00:16:59) во машка, и Ана Цоковиќ ( 2 место – 00:22:36) и Елена Бонева (3 место – 00:23:36).

Стартот на овогодинашниот „Wizz Air“ Скопски маратон го означија Вилсон Кипсанг Кипротич, светскиот рекордер во маратонско трчање и овогодишен специјален гостин на манифестацијата и градоначалникот на Коце Трајановски како нејзин покровител.