Кембриџ ги откажа физичките предавања за 2020-2021 година

Кембриџ стана првиот универзитет во Велика Британија што ги откажа сите физички предавања за академската година 2020-21 заради пандемијата на коронавирус. Ова се случува првпат по 800 години стара традиција на универзитетот да ги пречекува студентите во своите предавални.

Од Универзитетот соопштија дека сите предавања ќе се одржуваат виртуелно и ќе се емитуваат на интернет сè до летото 2021 година. Оттаму најавија дека можно е и да се одржат вежби и предавања во мали групи кога ќе започне новата академска година во октомври, следејќи ги правилата за социјално дистанцирање.

Универзитетот, кој има околу 12.000 студенти на додипломски студии, во објавата вели дека „сега е донесена одлука за да се олесни планирањето, но, како и секогаш, ќе биде разгледана доколку има промени во службените совети за коронавирусот“.

Пандемијата веќе го попречи студентскиот живот. Кембриџ ги испрати студентите дома и ги префрли сите свои предавања онлајн во март кога започна изолацијата, а испитите се одржуваат од далечина.

Во Велика Британија и во странство, откажани се церемониите за дипломирање, а универзитетите се борат како и дали да продолжат со наставата.

Француската влада се надева дека ќе ги отвори универзитетите во септември, но побара од колеџите да продолжат да нудат онлајн курсеви.

Заклучувањата и ограничувањата за патување, наметнати поради пандемијата, исто така го прекинаа протокот на меѓународни студенти, кои плаќаат повисоки такси и претставуваат голем извор на приход за универзитетите во Велика Британија.

Засега, британските универзитети се подготвуваат студентите да се вратат во есен. Некои велат дека ќе го одложат почетокот на терминот за неколку недели, а други сè уште работат на тоа како да продолжат со наставата во време на коронавирус.

Универзитетот во Манчестер соопшти дека ги пренел сите предавања онлајн за есенскиот период, но сепак очекува студентите да се преселат во неговите домови.

Универзитетот во Единбург соопшти дека ќе воведе „хибриден модел“ наместо да работи целосно виртуелно.

Извор: ABC