Ќелав херој – ирански учител си ја избричи главата во солидарност со задеван ученик

Кога иранскиот учител Али Мохамадиан забележа дека еден од неговите ученици е задеван откако ја изгуби косата заради мистериозна болест, тој реши да ја избричи главата за да покаже солидарност, пишува Гардијан. Веднаш потоа, и останатите ученици во одделението си ги избричија главите и задевањето и исмевањето престана.

Ќелав херој – ирански учител си ја избричи главата во солидарност со задеван ученик

Сега, Мохамадиан, кој предава во основното училиште во Мариван, Курдски град на западот од Иран, стана национален херој. Претседателот Хасан Рухани го пофали, Владата понуди финансиска помош за медицинскиот третман на ученикот и неговата приказна ги допре четирите страни на неговата земја.

„Многу ми е мило што ова допре толку срца и луѓето реагираа неверојатно позитивно. Сега сите во училиштето сакаат да си ги избричат главите“, телефонски изјавил 45-годишниот учител за Гардијан.

На почетокот на месецот, Мохамадиан постирал слика на Фејсбук со осумгодишниот Махан Рахими, под која напишал „нашите глави се сензитивни на коса“.

„Махан започна да станува изолиран откако ја изгуби косата, насмевката се изгуби од неговото лице и јас бев загрижен за неговото образование. Затоа размислив да ја избричам главата за да го вратам на вистинскиот пат“, вели учителот.

Веднаш потоа постот на Фејсбук стана хит меѓу илјадници Иранци. Иранските медиуми, вклучувајќи ја и националната телевизија, го интервјуираа учителот заедно со министерот за образование, Али Асгар Фани во Техеран каде следеше и официјално заблагодарување. Гувернерот на курдистанската провинција, Абдолмохамад Захеди исто така ја пренесе и пораката од претседателот на Иран.

За неколку дена и останатите 23 ученици на Али Мохамадиан изразиле желба исто така да ги избричат главите. „Им реков да почекаат додека заврши зимата, но кога се вратив од Техеран тие веќе немаа коса“, вели тој.

Докторите во болницата Рази во Техеран изјавиле за медиумите дека Махан имал проблеми со имунитетот но се уште ја истражувале природата на болеста. Според учителот, докторите во Техеран испратиле примероци и во Германија за да се постави дијагноза. „Соучениците на Махан оттогаш почнаа да го поддржуваат и ја вратија насмевката на неговото лице“, рече учителот.

Мохамадиан има 23 годишно учителско искуство и две ќерки и еден син. „Во местата како Сирија, Ирак и Судан, деца се убиваат секој ден додека во места како Пакистан и Индија детската работна сила е широко распространета. Јас сум многу загрижен за овие страшни искуства со кои се соочуваат децата секојдневно“, завршува учителот.

Извор: Гардијан