Детскиот креативен центар во МКЦ ќе се реновира во проект на УСАИД

Фондацијата за образовни и културни иницијативи “Чекор по чекор’’ – Македонија, која го спроведува Проектот на УСАИД “Со читање до лидерство’’ и Младинскиот културен центар потпишаа договор за соработка за реновирање на Детскиот креативен центар кој функционира во рамките на МКЦ.

Ќе се реновира Детскиот креативен центар во МКЦ

Во рамки на проектот на УСАИД “Со читање до лидерство’’ ќе се реновира Детскиот креативен центар. Ќе бидат изградени ликовно, театарско и компјутерско катче. Ќе биде создаден фонд со детски книги, математички дидактички средства, и останати ресурси кои ја развиваат креативноста, јазичните и математичките вештини кај најмладите ученици. Децата од Македонија, заедно со нивните наставници и семејства ќе можат да учествуваат во разновидните активности кои ќе бидат реализирани во Центарот.

Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство’’ преку иновативни и креативни пристапи и активности, има за цел да ги подобри јазичните и математичките вештини кај учениците од почетните одделенија од основното образование, да се зајакнат педагошките вештини на наставниците и да се подигне свеста кај целата заедница за важноста од јазичната и математичката писменост. Проектот ги подготвува и спроведува сите активности во соработка со Бирото за развој на образованието и Државниот испитен центар.

Активностите се спроведуваат во одбрани училишта од сите региони од државата. Реновираниот и соодветно опремен Детски креативен центар ќе претставува простор за заеднички активности на најмладите ученици каде и децата и возрасните ќе можат низ игра да научат многу нови работи и да се забавуваат.