Ќе се доделуваат 737 стипендии за средношколците

Министерството за образование и наука во учебната 2013-2014 година ќе додели 737 стипендии во шест различни категории, соопшти министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Ќе бидат доделени 400 стипендии за социјална поддршка на ученици, 80 за ученици со статус на деца без родители, 50 стипендии за ученици со посебни потреби, 150 за талентирани ученици-спортисти, 50 за талентирани ученици и 7 за ученици од угостителско-туристичка струка.

На денешната прес-конференција, министерот Ристовски информира дека стипендиите се наменети за редовни ученици во јавните и приватни средни училишта во Македонија, кои не повторувале година во образованието и не се корисници на стипендија од други институции.

Кандидатите треба да исполнуваат дополнителни услови специфицирани во конкурсите кои ќе бидат објавени во печатените медиуми и на интернет страницата на МОН, в понеделник, а аплицирањето ќе трае две недели.