Казни и бркање од ЗОО Скопје за фрлање храна и ѓубре на животните – поставени табли со кодекс на однесување

Во скопската Зоолошка градина од вчера се поставени табли со кодекс на однесување, со кој на посетителите им се укажува дека доколку ги хранат, вознемируваат или фрлаат ѓубре во животинските живеалишта можат да бидат казнети и отстранети од Градината.

На таблите се напишани правилата на однесување, меѓу кои и тоа дека во Зоолошката градина посетителите не смеат да внесуваат домашни миленици, да ја уништуваат вегетацијата, да внесуваат ролери, велосипеди или друга спортска опрема, или пак да ги оштетуваат таблите.

„На таблите јасно е истакнато дека секој кој храни, вознемирува, допира животни и фрла отпадок во нивните живеалишта, може да биде отстранет од градината, но и подлежи на казна. Искрено се надеваме дека ќе ги почитувате правилата за поубава градина и благосостојба на животните“, напишаа од ЗОО Скопје на Фејсбук.