Со намалување на платата за 15 отсто за три месеци е казнета директорката на на Македонскиот народен театар, Симона Угриновска, откако во објектот навивачката група „Шверцери“ го прослави својот 30-годишен јубилеј, во склоп на свечената Академија по повод Денот на албанската азбука.
„Владата го задолжи Министерството за култура во соодветна постапка да ѝ наложи на директорката на МНТ од организаторите на настанот да побара надомест на штетата направена за време на настанот, а на директорката да и биде изречена казна со намалување на платата за 15 проценти во траење од 3 месеци затоа што направила пропуст и дала согласност за отстапување на МНТ без писмен договор“, стои во владиното соопштение.
Јавноста реагираше откако на социјалните медиуми и веб-порталите се споделуваше снимка на која се гледа како навивачката група го прославува своето 30 годишно постоење во Македонски народен театар, со скандирања и рипања по црвените столчиња.
Од Влада оценија дека на настанот имало несоодветно однесување на навивачка група, но дека не е во организација на ниту една државна институција. Од навивачката група „Шверцери“, пак, се оградија од тврдењата дека имало направено штета, дека дивееле и ширеле говор на омраза.