Бројни реакции по прославата на „Шверцери“ во МНТ

Утрово на социјалните медиуми и веб-портали излезе снимка на која се гледа како навивачката група „Шверцери“ во петокот го прославувапе своето 30 годишно постоење во Македонски народен театар, со скандирања и рипања по црвените столчиња. Социјалните мрежи се „запалија“ и поради тврдењата дека имало големи штети врз инвентарот во МНТ.

Директорката на МНТ Симона Угриновска, утрово за МИА рече дека во петокот биле предвидени серија настани. Централната манифестација-Свечената академија по повод прославата на Денот на албанската азбука ја организирала Владата, а настанот на којшто се случил инцидентот бил најавен како проекција на дикуметарец.

„Вториот настан, не ни беше најавен дека ќе биде во такви рамки. Беше најавено дека ќе има проекција на документарец, по истиот повод – Денот на албанската азбука. Ние не знаевме до последен момент ниту дека документарецот не е во контекст на одбележување на Денот, тука дека е сосема друга темата и воопшто не знаевме дека се повикани навивачи на фудбалски клуб“, вели Угриновска за МИА.

Од Владата излегоа со соопштение дека настанот настанот во МНТ на кој се случило несоодветно однесување на навивачка група не е во организација на ниту една државна институција.

„Владата го оценува несоодвеното однесување како злоупотреба на гостопримството во Македонскиот народен театар, и истото најостро го осудува. Очигледно е дека организаторот на овој настан, како и иницијаторот тој да биде одржан во МНТ, не го подготвиле и организирале настанот согласно стандардите и очекувањата за манифестации што се организираат во национални културни установи од највисоко значење“, стои во владиното соопштение каде се додава дека очекуваат оти организаторот и иницијатор на настанот ќе ја надомести направената штета во МНТ и ќе се се извини на граѓаните за несоодветното однесување.

Осуда стигна и од премиерот Заев, кој присуствуваше во петокот во МНТ, на претходниот настан, Свечената академија по повод прославата на Денот на албанската азбука

„Секој вандалски чин е за осудување, тука нема дилеми. Но, испадна дека вториот дел не бил баш културна манифестација. Мора да има одговорност за кршење на инвентарот и мора да се надоместат штетите“, истакна премиерот Заев.

По објавените снимки се огласи и навивачката група „Шверцери“. Тие се оградуваат од тврдењата дека имало направено штета, дека дивееле и ширеле говор на омраза.

„Вистината е дека ние како организирана група влеговме во објектот каде беше закажано одбележувањето на јубилејот, при што беше прикажан краток документарен филм за оваа навивачка група како и доделени признаници на еминентни личности од фудбалската живот кои го дале својот допринос за нашиот клуб. Ние сме навивачи и навивањето е нашиот живот , нема друг начин на навивање од скандирање и пеење песни, тоа и го направивме таа вечер, без никакво дивеење , кршење, со ниту еден навредлив збор а камо ли говор на омраза. Како влеговме организирано така и организирано излеговме од објектот на театарот и при излез проверивме да не случајно е направена некоја штета но не приметивме ништо такво“, стои во објавата на групата.

 

Од ТВ 21 објавија и видео во кое се гледаат штетите направени во МНТ.