Казна во Кина за возење со долги светла – 60 секунди заслепување

Полицијата во јужна Кина ги казнува возачите кои ги заслепуваат другите учесници во сообраќајот возејќи со долги светла – со тоа што ги тера да гледаат во светлата една минута.

Сообраќајната полиција од Шензен постави фотографии од кампањата на нивната официјална страна на Веибо.

„Вечерва казнуваме преку користење на долги светла“, пишува на објавата која брзо собра 87 илјади лајкови и беше споделена 93 илјади пати. Фотографиите покажуваат луѓе кои седат директно пред автомобил на кого му се вклучени долгите светла.

Кинеските медиуми соопштуваат дека возачите се казнувани со 300 јуани (44 долари) и мораат да поминат 60 секунди пред долгите светла. Иако некои новински сајтови јавуваат дека делот на казната со долги светла е опционален, иако е нејасно зошто луѓето би одбрале такво нешто дополнително на паричната казна, пренесува ББЦ.

Полициските служби се соочија со критики за слична иницијатива во 2014 година, но, тие одлучија да ја почнат повторно во вторникот. Овој пат, реакциите се претежно позитивни. Неколку други локални полициски служби дадоа палец нагоре преку нивните профили на социјалната мрежа, а анкета на влијателниот информативен портал Сина покажа дека 90% од луѓето ја оправдуваат оваа казна.

„Дали сум единствен кој мисли дека една минута е многу кратко?“, пишува во еден од коментарите на сајтот Веибо, кој собра 12 илјади лајкови од другите корисници.

Некои корисници сметаат дека „кампањата била потребна многу порано“, додека еден од нив оние кои возат со долги светла ги нарекува „себични, непромислени возачи“. Неколку луѓе се загрижени дали казната може да го наруши видот на луѓето, додека постојат и размислување дека „ова е нарушување на човековите права“.

Сообраќајната полиција од Шензен и претходно се одлучувала за необични казни. Минатата година им даваа опција на луѓето кои поминуваа улици на непрописни места да одберат дали ќе платат казна, или ќе носат зелена капа и елек додека го насочуваат сообраќајот.