Кавадарци доби младински центар

Младите во Кавадарци од денеска добија простор во кој ќе можат да имаат дискусии, работилници или едноставно да се дружат.

На отворањето на центарот беше потпишан договор помеѓу општина Кавадарци и организациите Креактив и Совет за превентива против малолетничка деликвенција, со кој центарот им беше доделен на заедничко управување на двете организации до декември 2024 година.

За периодот од јули до декември 2021 година, за функционирање на центарот од страна на општина Кавадарци беа одделени 300.000 денари.

Овој центар е еден од четирите што со кои се пилотира Законот за младинско учество и младински политики, во соработка помеѓу Сојузот за младинска работа, Агенцијата за млади и спорт и општините Кавадарци, Велес, Куманово и Пробиштип.

Од Сојузот велат дека ова е првиот младински центар за кој успешно биле завршени сите процедури во согласност со правилникот, односно од страна на општината е пренаменет простор, беа одвоени финансиски средства од општинскиот буџет за спроведување на програма за младинска работа, и врз основа на јавен повик беа избрани младински организации што ќе го управуваат центарот.