Католичката црква исплати 276 милиони на жртвите на сексуално насилство во Австралија

Австралиската католичка црква исплати 276 милиони австралиски долари на жртвите кои биле сексуално злоупотребувани од 1980 година до денес.

Парите се поделени меѓу илјадници жртви, објави Кралската комисија за институционални одговори при сексуална злоупотреба на деца.

Податоците објавени во вторникот, покажуваат дека просечниот износ кој ќе го добие една жртва е 91 илјада долари.

Кралската комисија беше формирана во 2013 година, а има за цел да истражува сексуална злоупотреба и во нерелигиозните организации.

Католичката црква ги исплати парите како одговор на 3066 до 4445 обвиненија за сексуално насилство врз деца меѓу 1980 до 2015 година, покажа истрагата.

„Искуството на кралската комисија е дека многу луѓе кои преживеале насилство се соочуваат со бариери кои ги спречуваат да го пријават насилството на институциите во кои тоа насилство било извршено“, вели Гејл Фурнес, главен адвокат кој ја води комисијата во Сиднеј.

Во просек, на жртвите им биле потребни по 33 години да го пријават насилството и да добијат емотивна сатисфакција од страна на сторителите.

На почетокот на месец февруари, комисијата објави дека дури седум проценти од католичките свештеници во Австралија имаат злоупотребувано деца во периодот меѓу 1950 до 2010 година.