Катица Јанева: Да ги охрабриме граѓаните да пријавуваат коруптивно работење и криминал

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во континуитет укажува на потребата од носење на Законот за заштита на свиркачите, затоа што ние не можеме според актуелниот закон да им пружиме соодветна заштита на сите кои сакаат да соработуваат со нас во таа насока, рече денеска специјалната обвинителка Катица Јанева, пренесува Плусинфо.

На конференцијата „Ден на слободен говор“ иницирана од „Скуп“, а по повод Меѓународниот ден на свиркачите, Јанева забележа дека граѓаните сѐ поретко се решаваат да укажат на коруптивно работење и криминал, поради стравот што го имаат од последиците од таквата активност.

„Затоа ние треба да ги поттикнеме, да ги охрабриме, да пријавуваат такво однесување. Но проблем е и довербата во институциите, дека и покрај ризикот од укажувањето институциите ќе постапат по законите. СЈО не отстапува и нема да се откаже од истражувањето на криминалот и корупцијата како институција која е одговорна за својата задача. Не смее да се замолчи и да се затворат очите , потребно е истражување на секој криминал а граѓаните се свесни дека тоа е нешто од заеднички интерес во кој тие се клучниот дел“, рече Јанева, надополнувајќи дека свиркачи беа и обвинетите  во случајот „Пуч“ , кои преку своите прес-конференции објавија коруптивно и криминално 10-годишно владеење на една власт.