Каталонија ќе прогласи независност во понеделник

Каталонија во понеделник ќе прогласи независност од Шпанија откако одржа референдум, бидејќи каталонскиот претседател Карлс Пуидемон изјави дека Мадрид го одби барањето за посредство во решавањето на кризата.

Владата на шпанскиот премиер Маријано Рахој одговори повикувајќи ја Каталонија „да се врати на патот на правото“, пред да преговара.

Миреја Боха, каталонски законодавец од Партијата за кандидати за народно единство и поддржувач на независноста, изјави дека декларацијата за независност ќе следи на парламентарната седница во понеделник за да ги оцени резултатите од гласањето на 1 октомври за отцепување.

„Ние знаеме дека можеби имаше разочарувања, апсења… Но, ние сме подготвени и во никој случај нема да бидеме спречени“, напиша таа на Твитер.

Пуидемон во изјава за БиБиСи вели дека ќе побара од регионалниот парламент да прогласи независност по одржаниот референдум, за кој шпанската Влада и Уставниот суд сметаат дека е нелегален и за кој само мал дел од Каталонците гласале.

Во телевизиското обраќање во средата вечерта, Пуидемон рече: „Овој момент бара посредништво. Добивме различни понуди во последните часови и ќе добиеме повеќе”.

Без конкретно споменување на плановите за декларација за независност, тој додаде: „Сигурен сум дека во следните неколку дена ќе го покажеме најдоброто од нашата земја кога институциите на Каталонија ќе мора да ги применат резултатите од референдумот. Денес сме поблиски од вчера на нашата историска желба”.

Владата на премиерот Маријано Рахој одговори дека Пуидемон ја потрошил можноста да ја врати Каталонија на легалната патека. „Ако Пуидемон сака да зборува или да преговара или сака да испрати медијатори, тој совршено добро знае што мора прво да направи: Врати се на патот на законот”, се вели во соопштението.

Учесниците на референдумот одлучуваа за независност, но одѕивот беше само околу 43 проценти, додека Каталонците кои го поддржуваат останувањето со Шпанија главно го бојкотираа гласачкото ливче.

„Пропорционалната употреба на сила” на шпанската влада во Каталонија беше неопходна за да се одржи владеењето на правото, се вели во соопштението на Европската комисија.

Додека Европскиот парламент ја отвори дебатата за кризата во Каталонија, првиот заменик-претседател на Комисијата Франс Тимерманс недвосмислено застана на страната на владата во Мадрид.

Тимерманс ги осуди напорите за одржување на референдум за независност како кршење на шпанскиот Устав, а со тоа и како закана за владеењето на правото во сите земји на ЕУ.

Тој на отворањето на дебатата рече: „Ние ги обликуваме нашите демократски општества врз основа на три начела: демократија, почитување на владеењето на правото и човековите права … Трите се потребни меѓусебно и не можат да се исклучат едно од друго”. Тој продолжи: „Ако отстраните еден столб, тогаш и другите ќе паднат”.

„Регионалната влада на Каталонија одлучи да го игнорира законот за организирање на референдумот од минатата недела”, рече тој.

Она што беше највпечатливо, Тимерманс делумно ја бранеше употребата на сила од страна на шпанската полиција во неделата. Полициската акција резултираше со насилно влечење на гласачи од избирачките места.

„Дозволете ми да бидам јасен: насилството не решава ништо во политиката. Тоа никогаш не е одговор, никогаш не решение. И никогаш не може да се користи како оружје или инструмент “, рече тој.

„Никој од нас не сака да види насилство во нашите општества”, продолжува Тимерманс. „Сепак, должност е секоја влада да го почитува законот, а тоа понекогаш бара пропорционална употреба на сила”.

Продолжувајќи го говорот, тој посочи дека властите во Каталонија побарале поголемо почитување на нивните права отколку што биле подготвени да им дозволат на другите во Шпанија.

„Слободата на изразување е основно право на сите европски граѓани и на тој начин за сите шпански граѓани”, рече Тимерманс. „Но, едно мислење не е повредно од друго мислење само затоа што се изразува погласно”.