Картичките „Скопска“ на ЈСП со нов дизајн и побезбедни од злоупотреба

ЈСП Скопје информира дека ќе пушти во продажба електронски картички „Скопска“ со нов дизајн. Нов дизајн имаат и двата вида картички, персонализирани и неперсонализирани. Цената и функционалноста останува иста како и на старите картички, додека новите „Скопска“ имаат и холограмска заштита, која овозможува поголем степен на безбедност од злоупотреба.

Идејата и одлуката за новиот дизајн на „Скопска“ од ЈСП Скопје велат дека е симболично врзанa со планираните новини јавното претпријатие ќе ги реализира во текот на годинава како набавка на нови автобуси и корекции во системот за наплата.

„ЈСП Скопје планира во текот на месец април да воведе и електронски билет за едно возење, а од месец јуни да се имплементира и напредна апликација за смарт уреди со кои на граѓаните ќе им се овозможи максимална флексибилност при користење и купување на нашите услуги. Паралено ќе биде извршена и надоградба на системот за електронска локација на возилата кој ќе овозможи попрецизно и визуелно иформирање на граѓаните со цел полесно планирање на патувањето“, додаваат од ЈСП Скопје.