Карпошовци масовно се потпишуваат против новиот ДУП

Жителите на Карпош 4 досега реагираа, собираа и праќаа повеќе петиции. Но тие петиции не важат, немаат „тежина“ доколку не се легитимно спроведени според законските основи. Па, денеска и официјално започна следната законска фаза за стопирање на оспоруваниот Детален урбанистички план – до 1 октомври мораат масовно да се потпишуваат во општинското одделение на Државната изборна комисија во Карпош, пишува МКД.мк.

„Битката за заштита на автентичноста и зеленилото на нашата населба не е завршена! Проблемот со предлог ДУП-от се уште тлее. Последната причина за загриженост е статијата во весникот Карпош Урбан, која ја пренесува одлуката на Советот за засадување на нови дрвја во Карпош 4, но и сечење на постоечките (според нив суви дрва). Ние стоиме на барањето – враќање на предлог ДУП-от за урбана заедница Карпош 4 во фаза на јавна анкета и дебата поради пад на вредноста на нашите станови, заградување со високи згради и намалување нациркулација на воздухот исечење дрва и уништување на паркови“, стои во јавниот повик што деновиве се шири низ Карпош 4.

Граѓаните сметаат дека со новите објекти што ги предвидува ДУП-от населбата ќе се претвори во градилиште, а постоечките капацитети на мрежите за струја, канализација, водовод и топлификација ќе бидат преоптоварени.

„Ние, вашите соседи, Ве повикуваме заедно да ја продолжиме борбата за нашата населба! Ги исцрпуваме сите механизми за да успееме во нашата цел: граѓанска иницијатива. Првиот дел од граѓанската иницијатива беше успешно завршен. Сега доаѓа вториот дел: масовно собирање на потписи! За ова ќе мора сите да излеземе и со потпишување да кажеме „НЕ“ на предлог ДУП-от. Потпишувањето ќе започне на 16 септември и ќе трае до 1 октомври во просториите на Државната изборна комисија (ДИК) на улица „Стрезово“ број 7 во Козле, секој работен ден освен сабота и недела, од 8:30 до 16:30 часот“, стои во повикот.

Согласно законските процедури, предлогот за Граѓанска иницијатива мора да помине низ неколку фази . Во првата фаза преку ДИК се собираа 100 потписи за почеток на граѓанската иницијатива.

Во следната фаза беше предвидено таквиот предлог да биде доставен до претседателот на Советот на Карпош, кој во рок од три дена треба да испита дали предлогот за граѓанска иницијатива е уредно поднесен од овластен предлагач и дали се однесува за прашања за кои е надлежен да одлучува Советот. Потоа, карпошовци повторно собираат потписи од 10 проценти од вкупно запишаните во избирачкиот список граѓани на Урбаната заедница „Карпош 4“.

Оспоруваниот ДУП досега не стигна на гласање во Советот на Карпош 4, но карпошовци не се откажуваат, додека локалните власти и понатаму негираат дека со измените на ДУП-от ќе се одзема било какво зеленило на сметка на паркинзи и објекти. Властите тврдат дека карпошовци можат да бидат спокојни, бидејќи во изминативе три години општината направила над 800 паркинг места, се што било потребно во однос на паркирањето во Карпош 4, а измените во планскиот документ биле на барање на граѓаните и законска обврска на општината.

Истовремено, жителите на Карпош 4 не отстапуваат од идејата за бојкот на Деталниот план и негово враќање во фаза на јавна расправа и презентација. Продолжуваат со притисок против нелогични одлуки за урбанизација и бетонизација. Продолжуваат и собирите кај училиштето „Петар Поп Арсов“ во Карпош 4.