Карпошани ќе добиваат попусти во 230 фирми, продавници и кафулиња во општината

Од септември, Општината Карпош ќе започне да го спроведува проектот „Moj Карпош – Моја картичка”, со кој на жителите од општината ќе им нуди попусти во локалите на нејзината територија.

Станува збор за проект во кој заеднички ќе работат бизнис заедницата, граѓаните и локалната власт. Како што посочија од општината, 230 бизниси изразиле интерес да дадат попусти и бенефиции на граѓаните на Карпош кои ќе поседуваат картичка „Moj Карпош – Моја картичка” во одредени денови или периоди од денот.

Главната цел е да се раздвижи економијата на локално ниво, граѓаните да купуваат и да користат услуги по пониски цени, а фирмите да имаат поголема добивка и посетеност.

Картичката ќе биде активна од втората половина на септември, а ќе може да ја добијат граѓани на Карпош кои имаат над 13 години.
Во меѓувреме ќе се изработи веб страна за проектот, каде ќе биде објавен регистарот на фирми вклучени во него и ќе ја олесни комуникацијата меѓу граѓаните, бизнисите и општината.

Се предвидува и развивање на мобилна апликација која ќе овозможи и електронско користење на картичката.