Каролин Карлсон ја доби наградата Менада за животно дело на фестивалот Танц Фест

Легендараната кореографка и танчерка, Каролин Карлсон е годинешната добитничка на Наградата за животно дело и врвни остварувања во областа на танцот Менада што ја доделува фестивалот Танц Фест Скопје 2021.

Таа игра клучна улога во раѓањето на францускиот и италијанскиот современ танц. Создава над 100 претстави, од кои голем број се сметаат за исклучителни дела кои го одбележуваат развојот на современиот танц и имаат посебно место во историјата на танцот.

Во 2006 година, Каролин Карлсон е добитничка на „Златен лав“ од Биеналето во Венеција, со што станува првата кореографка чија работа е наградена со оваа престижна награда.

Во 1998 година добитник е на престижното светско признание „Prix Benois de la Danse“. Каролин Карлсон е добитник на ордените на Република Франција „Commander of the Ordre des Arts et des Letters“ и „Officer of the Légion d’Honneur“.

„Со нејзината претстава „Ритуал за мртвиот сон“, изведена на Фестивалот во Авињон во 1972 година, Каролин испишува своевиден поетски манифест со кој се дефинира пристапот во нејзината работа на кој се придржува оттогаш: „танц кој е силно ориентиран кон филозофијата и духовноста“, велат од Танц фест.

Во својата долга кореографска и танчерска кариера настапува на многу светски сцени. Образованието го стекнува на Универзитетот во Јута, за потоа да се пресели во Њујорк каде се запознава со работата на Елвин Николај, во чија компанија настапува од 1965 до 1971 година и чии идеји ги пренесува кога доаѓа во Париз.

Директор е на „Teatro La Fenice“ во Венеција, во периодот од 1980 до 1984 година; од 1985 до 1991 година е резидентен короеграф на „Théâtre de la Ville“ во Париз.

Во 1991 и 1992 година има резиденција во „Кулберг балет“ во Хелсинки и во Тетарската танцова компанија на Градот Хелсинки; „Кулберг балет“ го раководи како уметнички директор во 1994 и 1995 година.

Ид 1999 до 2002 година таа е уметнички директор на Одделот за танц во Биеналето на Венеција. Од 2004 до 2013 директор е на Националниот кореографски центар во Рубе, Франција. Има резиденција како кореограф во Националниот театар „Шајо“ во Париз од 2014 до 2016 година.

Во 1999 година Кралсон го основа „L’Atelier de Paris“ а во 2014 година ја оснива „Каролин Карсон танцовата компанија“. Каролин Карлсон активно работи и патува низ целиот свет со своите креации и истражува нови форми.