Карен Ухленбек стана првата жена која ја доби Абеловата награда – најпрестижното признание за математика

Американската професорка Карен Кескула Ухленбек стана првата жена која ја доби Абеловата награда, едно од најпрестижните признанија во математиката.

76-годишната Ухленбек, која доаѓа од Универзитетот во Тексас, ја доби наградата која многумина ја нарекуваат „Нобелова награда за математика“, која секоја година ја доделува кралот на Норвешка.

Таа ја доби наградата за нејзиното влијание врз геометријата и математичката физика. Од комисијата која ја доделува Абеловата награда соопштиле дека работата на Ухленбек довела до некои од најважните достигнувања во математиката во последните 40 години.

„Нејзините теории направија револуција во нашето сфаќање на минималните површини, како оние кои се формираат од меурчињата од сапуница и генералните минимизирани проблеми во поголеми димензии“, изјавил шефот на комитетот, Ханс Мунт-Кас.

Од комитетот додале и дека Ухленбек е пример кој треба да се следи и голем застапник за родовата рамноправност во светот на науката и математиката и дека нејзиниот придонес кон математичкиот универзум се протега низ неколку децении.

Карен Ухленбек, во Кјото, Јапонија во 1990 година беше само втората жена која имала предавање на Меѓународниот конгрес на математичари, најголемиот и најважниот собир на математичарите во светот. Десет години подоцна ја доби и американската награда „Национален медал за наука“.

Абеловата награда започна со доделување во 2002 година и е именувана по норвешкиот математичар Нилс Хенрик Абел кој ги поставил основните теории за интегралните равенки.