Кардула: Проектот „Хероините на Југославија“ како потсетник за денот на основањето на АФЖ

Македонскиот графички дизајнер во чест на денот на основањето на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ), го (ре)сподели својот проект „Хероините на Југославија“, кој оригинално е посветен за 8-ми март, Интернационалниот ден на жената.

„На денешен ден во 1942 е одржана Првата земска конференција на жените во Петровац (Босна и Херцеговина), каде официјално е основан Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) во кој учествувале 166 елегати од сите краеви на Југославија. СФРЈ во војната изгуби 1.700.000 жители од кои 600.000 жени. Во народната ослободителна војска се бореле 110.000 жени, а животот го изгубиле 25.000. Од учесничките во војната, 40.000 биле ранети, 3.000 неспособни за работа. 2.000 партизанки станале офицери, а во 1941 година, 3.344 жени се здобиле со високата одлика „Партизанска споменица“. За народни херои на Југославија биле прогласени 91 жена“ – напиша Кардула на својата објава.

На овој начин, сакам да им оддадам почит на 91 жена, национални херојки. Жени, соборки кои го кренаа својот глас против окупаторот, против фашизмот и ја платија слободата со своите животи. По распадот на Југославија, тие станаа заборавени, а дури постои и тенденција да се минимализира нивната жртва.

Во време кога национализмот, шовинизмот и фашизмот повторно наоѓаат плодна почва во овој рефион, сакав преку поразличен уметнички пристап да ги доближам овие жени кон помладата популација преку поп-артот. Сакав да го прикажам борбата и храброста на овие силни жени.

Како основа, ги користевцртежите на академскиот сликар и стрип-гениј Зденко Свирчиќ (1924 – 2016).

Помеѓу сликите, се наоѓаат портретите на најмладите хероини – Фана Кочовска и Ибе Паликуќа – кои им се придружија на партизаните на возраст од 14 и 15 години. Даринка Радовановиќ, нејзините две ќерки биле убиени пред нејзините очи, но и покрај тоа таа не кажала каде се кријат ранетите партизани. Лепа Радиќ, која пред да биде ставена на бесикла од „СС“ трупите, извикала ќе победиме.

Јас сум фасциниран од нивната храброст и благодарен за слободата која тие ни ја донесоа. Слава им! Смрт на фашизмот, слобода на народот!

Со овие зборови, Зоран Кардула го објаснува својот проект кој во целост можете да го погледнете тука.