Каратето конкурира за програмата за Олимписките игри во Токио

Светската карате федерација се обидува да го вклучи каратето како спортска дисциплина во програмата за Олимписките игри кои ќе се одржат во Токио во 2020 година, јавуваат светските агенции.

Челниците на Светската карате федерација најавиле дека ќе разговараат со организаторите на ОИ за можностите за вклучување на овој спорт во програмата за 2020 година.

Меѓународниот олимписки комитет веќе ги спроведува реформите под мотото „Олимписка платформа 2020“ кои подразбираат ограничување на бројот на дисциплините на најголемиот спортски настан во светот но не и на бројот на спортовите кој напротив се очекува да се зголеми во што и карате заедницата ја гледа својата шанса.

Светската карате федерација своето барање за учество на Олимписките игри го темели на преку 100 милиони пријавени натпреварувачи во овој спорт ширум светот.